Три лица осомничени за шпионажа за Русија се уапсени во Велика Британија во рамките на големата истрага за националната безбедност.
Како што пишува Би-Би-Си, обвинетите, сите бугарски државјани, биле уапсени во февруари и оттогаш се во притвор. Тие наводно работеле за руските безбедносни служби. Обвинети се дека поседувале и лични документи за кои знаеле дека се лажни.
Овие документи вклучуваат пасоши, лични карти и други документи на Велика Британија, Бугарија, Франција, Италија, Шпанија, Хрватска, Словенија, Грција и Чешка.
Осомничените се приведени од детективи за антитероризам од Метрополитен полиција, која има надлежност за шпионажа.
Уапсени се Орлин Русев (45) од Грејт Јармут, Норфолк, Бисер Џамбазов (41) од Хароу, западен Лондон и Катрин Иванова (31), исто така од Хароу.
Тие со години живеле во Велика Британија, работеле повеќе работни места и живееле во низа имоти во предградијата.
Според информациите, тројцата работеле и во изборни комисии во Лондон кои им овозможуваат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на изборите во Бугарија.