„Ќе биде уште пожешка“: Климатолозите на НАСА издадоа временска прогноза за 2024 година

од Stefanija Kuzmanovska
414 прегледи

Јули 2023 година беше најтоплиот месец досега забележан, а следната година може да биде уште потопла, предупредија научниците на американската вселенска агенција НАСА.

Има околу педесет проценти шанси дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега, а 2024 се очекува да биде уште полоша, предвидуваат експертите на американската влада.

„Овој јули беше значително потопол од кој било претходен јули и кој било претходен месец од 1880 година. Продолжува долгорочниот тренд на драматично затоплување кој трае четири децении“, рече Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии Годард на НАСА (GISS).

Покрај глобалното затоплување, за состојбата придонесува и цикличниот феномен Ел Нињо, синоним за дополнително глобално затоплување, кој ја загрева површината на океаните. Треба да трае и по следната зима, очекуваат климатолозите.

„Најсилното влијание на Ел Нињо ќе се случи во 2024 година“, рече Шмит. „Затоа, очекуваме не само дека 2023 година ќе биде исклучително жешка, а можеби и рекордна, туку и дека 2024 година ќе биде уште пожешка“.

Во делови од Јужна и Северна Америка, Северна Африка и Антарктикот, температурите се забележани околу четири степени над месечниот просек во периодот од 1951 до 1980 година, објави НАСА.

Севкупно, минатиот месец беше за 1,18 степени Целзиусови потопол од просечните јулски температури од 1951 до 1980 година.

Ова покажува дека продолжува трендот на долгорочно затоплување, на што примарно влијаат емисиите на стакленички гасови.

Температурата во јули оваа година била за 0,24 степени повисока од која било јулска температура забележана од НАСА, а петте најтопли месеци од 1880 година се случиле во претходните пет години, покажуваат податоците на GISS.

„Овие промени што ги гледаме во глобалните температури ги рефлектираат вистинските топлотни екстреми што луѓето ги доживуваат локално. Сега можеме со одредена сигурност да кажеме дека топлотните бранови во Северна Африка, Блискиот Исток, Југозападниот дел на САД, Кина и Јужна Европа се директно засегнати од фактот дека целата планета се загрева“, рече Шмит.

GISS собира податоци за температурата на површината на воздухот и морето од десетици илјади метеоролошки станици.

Високите температури на површината на морето, особено во источниот дел на Пацификот, придонесоа за рекордната температура во јули, што укажува на развој на метеоролошкиот феномен Ел Нињо, кој има ефект на дополнително затоплување на планетата.

Шмит истакна дека е загрижувачки тоа што влијанието на Ел Нињо врз глобалните температури обично се чувствува во текот на зимата и пролетта, предупредувајќи дека неговото најголемо влијание се очекува да се почувствува во февруари, март и април 2024 година.

Слични содржини