Од први септември се зголемуваат цените на поштенските услуги во меѓународниот поштенски сообраќај. Новите цени се однесуваат за писмата, поштенските картички, печатените работи и малите пакети.
За стандардизираното писмо, поштенската услуга ќе чини 42 денари, а исто толку ќе чини и за поштенската картичка.
Поштенската услуга за нестандардизираното писмо до 20 грама во соседните држави и во земјите од Европа, кои се во втора зона, од септември ќе биде 42 денари, а за останатите држави од Европа, кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 45 денари.
За препорачаните писма, ќе се доплаќа 139 денари како дополнителна цена која ќе се додава на цената за основната услуга.
Кај малите пакети до 100 грама, доколку се праќаат во соседните држави и во земјите од Европа од втора зона ќе се плаќа поштенска услуга од 105 денари, а за останатите европски држави кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 120 денари. За најголемите пакети од 1000 до 2000 грама, цената на поштенската услуга за соседните држави и за Европа, втора зона, ќе биде 1.115 денари, додека за останатите европски држави, Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот ќе биде 1.285 денари.
Новиот ценовник на „Пошта“ е одобрен од Агенцијата за пошти.