Изборите во четири општини на северот на Косово треба да се организираат што е можно поскоро и со целосно учество на косовските Срби, како дел од итните напори за смирување на тензиите меѓу двете страни, порачаа од Брисел.
Кога тоа ќе се случи зависи од способноста на двете страни да ги исполнат барањата, односно критериумите што се поставени пред нив, изјавил портпаролот на Службата за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, пренесува N1.
Тој вели дека „итноста треба да се препознае на терен, од граѓаните и од политичарите“.
Се што се прави во рамките на дијалогот не е за да се задоволи Брисел или земјите-членки на ЕУ или меѓународната заедница, туку да се подобри животот во Косово и Србија, што е поврзано со натамошниот напредок на двете страни на патот кон ЕУ, вели Стано.
Секако, како што вели, има чувство на итност, тоа постоело и пред последната ескалација, а им било пренесено и на нивните партнери.
Затоа, институциите на ЕУ, европските 27 и другите партнери, пред се САД, имаат чувство на итност да ги завршат неопходните чекори за смирување на тензиите и враќање на дијалогот. И тоа не поради изборите за ЕУ следната година, туку за граѓаните на Косово и Србија да имаат корист од тоа, па двете страни да продолжат да работат на нормализација на односите и со тоа да продолжат. Двете страни треба да се вратат на нормалниот дијалог и да продолжат да работат на агендата на ЕУ. Затоа што ако нема напредок во дијалогот, нема напредок ниту во интеграциите во ЕУ, рекол портпаролот на ЕУ.