Политиката за создавање Голема Албанија е процес кој ќе продолжи бидејќи Албин Курти нема намера да запре, изјавил утрово српскиот претседател Александар Вучиќ за РТС, коментирајќи ја посетата на косовскиот премиер на Тетово и Скопје.
„Нема начин да се спречи, впрочем има – преку политичка аргументација и сериозност. Кој мисли дека некој во Брисел ќе го убеди да не биде следбеник на Енвер Хоџа или на Адем Демачи, греши. Не станува збор за едно знаме на Голема Албанија, туку тоа што го зборуваше“, рекол Вучиќ и продолжил:
„Во Приедор ме најавија како претседател на Србија, а не за претседател на сите Срби. Тогаш доаѓаме до клучното прашање – зошто Западот молчи?“.
Вучиќ смета дека на Србија постојано нешто ѝ замеруваат и по прашањето за Црна Гора.
Речиси 30 проценти од Србите живеат во Црна Гора, можеби и повеќе. Бараат од нас да молчиме, но затоа се подготвени на Албанците во Северна Македонија со 24 проценти да им го дадат тоа што го сакаат. А Србите во Црна Гора не можат да добијат ништо со 30 проценти. И го гледате сето тоа и се смеетте колку е неправедно, но сила Бога не моли. Но, да не замолчуваат, да не зборуваме за вистината, тоа не е реално, посочил шефот на српската држава.
Вучиќ вели дека Западот првенствено молчи затоа што не ги интересира приказната за Голема Албанија, но и дека овие „лоши момци се нивни момци“.
„Никој не праша, сите зборуваа за текстовите во Си-Ен-Ен против мене, но тоа не беше против мене туку против Србија, како и во текстовите во германските весници. Одеднаш за пет дена излегуваат шест текстови со иста содржина. Станува збор за организирана кампања, за подготовка за она што следи следната недела“, рекол српскиот претседател.
Зборувајќи за тоа што ги очекува следната недела, Вучиќ го споменал „можеби најтешкиот притисок досега“ поради невоведувањето санкции против Русија.
„Можете да видите и како полека се затвора кругот во Србија за да ме изолираат на политичката сцена. Нема ништо избалансирано, ако не е поддршка за Русија или САД, туку за нашата земја, нема ли да ја принудат Србија да ја промени својата одлука. Очекувам дека ќе се соочиме со бројни проблеми“, вели тој.
Ситуацијата во Украина е таква што сега е јасно дека не можете лесно да ја победите Русија на бојното поле, истакнува Вучиќ. Тој додава дека не мисли дека Русија може така лесно да победи.
„Многумина претходно очекуваа дека Украина лесно ќе победи со модерното западно оружје. Нема ништо од тоа, и затоа сега е важно да се зајакне фронтот против Русија, да се затворат сите дупки. Ним не им е грижа што соработуваат многу повеќе со Русија отколку со Србија и имаат поголема трговска размена… Безброј лаги ќе продолжат…“