САД нуди награда од 10 милиони долари: Објавен билборд во Подгорица

од Nikola Popovski
279 прегледи

Американскиот Стејт департмент обезбедил награда до десет милиони долари за информации кои можат да помогнат во расветлувањето на сајбер нападите извршени против интересите на Соединетите Американски Држави, а како што велат, особено за нападите во Црна Гора минатиот август.

Билбордите, кои рекламираат награда за информации кои можат да доведат до идентификација или локација на секое лице кое учествувало во злонамерни сајбер активности, ги поставила американската амбасада на повеќе локации во Подгорица, пишува Vijesti.me.

Текстот на огласот е на црногорски и руски јазик, а се наведува дека е можно плаќање и во криптовалути.

Како што велат од Амбасадата, целта на огласот е да се соберат информации од технолошки способни поединци кои моментално живеат во Црна Гора и кои можеби знаат повеќе за нападите.

„Понудата за награда е неограничена во однос на бараните информации, а наградите се исплаќаат пропорционално на квалитетот на дадените информации“.

Нападите на информативната мрежа на Владата на Црна Гора почнаа во август минатата година, по што со месеци беше оневозможен пристапот до нивните веб-страници и електронски пораки, како и до други институции како обвинителството, судовите, катастарот, приходите и Царинската управа.

Фото: Blažo Hajduković/Vijesti.me

Слични содржини