Пристигна првата реакција на Русија за испораката на борбени авиони Ф-16 во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
795 прегледи

Русија ја осуди одлуката на Данска и Холандија да ѝ донираат борбени авиони Ф-16 на Украина, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до ескалација на конфликтот. Данска и Холандија во неделата објавија дека ќе ѝ дадат на Украина авиони Ф-16. Првите шест авиони ќе бидат испорачани околу Нова година.

„Фактот што Данска сега одлучи да донира 19 авиони Ф-16 на Украина доведува до ескалација на конфликтот“, изјави рускиот амбасадор Владимир Барбин, а пренесува агенцијата „Рицау“. „Криејќи се зад премисата дека Украина самата мора да ги одреди условите за мир, Данска сака со своите постапки и зборови да постигне Украина да нема друг избор освен да го продолжи воениот конфликт со Русија“, рече тој.

Данскиот министер за одбрана Јакоб Елеман-Јенсен изјави дека Украина ќе може да ги користи донираните авиони Ф-16 само на своја територија.

„Ние донираме оружје под услов да се користи за протерување на непријателот од територијата на Украина. И не повеќе од тоа“, рече Елеман-Јенсен во понеделникот.

 

„Тоа се условите, без разлика дали се работи за тенкови, борбени авиони или нешто друго“, додаде тој.

Данска ќе ѝ даде на Украина 19 авиони. Холандија има на располагање 42 авиони Ф-16, но се уште не одлучила дали ќе ги донира сите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во неделата дека авионите ќе ги зајакнат воздушните сили на Украина и ќе помогне во контраофанзивата против руските сили.

Слични содржини