Обвинителството ги собра првите докази против браќата Тејт за принудување на жени на секс

од Stefanija Kuzmanovska
325 прегледи

Романските обвинители собраа докази кои наведуваат на тоа дека британскиот поранешен кик-боксер и реалити ѕвезда Ендрју Тејт принудувал жени на сексуални дејствија, објави денеска Би-Би-Си.

Дополнително, на стотици страници сведочења и транскрипти има и случаи на сексуално насилство за кое една жена изјавила дека се здобила со повреди на окото и градите, а на една од аудио снимките се слуша братот на Тејт, Тристан како вели дека ќе „пороби“ жени, нарекувајќи ги со погрдни имиња.

На браќата Тејт во Романија им се суди за трговија со луѓе и формирање на организирана криминална група, заедно со уште две Романки.

Обвинителите тврдат дека парите што ги заработиле жените регрутирани од браќата Тејт, работејќи на сајтови како „Only Fans“, ги контролирала една од обвинетите Романки, Џорџијана Нагел, која на жените им исплаќала месечни суми.

Се додава дека тие биле принудени да произведуваат одредени содржини по строг распоред, под закана за вербално и физичко малтретирање, а има транскрипти од Нагел која им се заканува на девојките дека ќе им ги „скрши забите“ или дека „ќе завршат во мртовечница“.

Девојките плаќале казни од 10 отсто од заработката доколку долго се задржуваат на пауза, се смеат додека комуницираат со живи корисници или си го избришат носот на видеото, изјави еден од сведоците.

Покрај тоа, датотеката содржи и транскрипти од аудио пораки од 2020 година, во кои наводно се слуша Тристан Тејт како вели дека не сака девојките да имаат директен пристап до своите сметки на сајтовите „Порнхаб“ и „Онлифенс“.

„Не сакам да имаат лозинки, ниту нешто друго. Воопшто не сакам да им кажам дека имаат Онлифенс, сакам јас и ти да ги користиме тие пари… Во суштина ќе ги поробам сите. Ќе ги натерам да работат уште повеќе, со часови и часови. Робовите работат најмалку 10 или 12 часа дневно“, наводно рекол тој.

Во други транскрибирани пораки за кои обвинителите велат дека се случиле помеѓу наводна жртва и Ендрју Тејт во текот на неколку недели, Тејт се чини дека користи референци за љубов и брак со наредби, закани, упатувања на силување или навреди.

Една наводна жртва на силување вели дека за време на еден инцидент, Ендрју Тејт ѝ рекол да се соблече и, откако таа одбила, ѝ удрил шамар.

Претходно ова лето, романските обвинители изјавија дека браќата Тејт ги регрутирале нивните наводни жртви со тоа што ги заведувале со нивните романтични намери, пред да ги пренесат жените во куќа на периферијата на Букурешт, каде групата сексуално ги експлоатирала и ги принудувала да произведуваат порнографска содржина преку физичко насилство и психичка принуда, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини