Кој беше Дмитриј Уткин? Што знаеме за човекот со нацистички тетоважи кој почина со Пригожин

од Stefanija Kuzmanovska
582 прегледи

Меѓу оние кои се претпоставува дека загинале заедно со водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во авионската несреќа во близина на Москва бил и Дмитриј Уткин, кој често бил опишуван како основач или ко-основач на платеничката група, иако неговата точна улога не била јасна.

Неговиот прекар бил „Вагнер“, по омилениот композитор на Хитлер. Истражувачката веб-страница Bellingcat во 2020 година напиша дека Уткин имал „опсесивна фасцинација со историјата на Третиот рајх“, додека друг неодамнешен извештај го опиша како „украсен со бројни нацистички тетоважи, вклучувајќи ја и свастиката, нацистичкиот орел и громот на СС“. Се вели дека групата „Вагнер“ го добила името по него.

Сепак, според извештајот од 2020 година на Центарот за стратешки и меѓународни студии, американскиот тинк-тенк, „не може да се потврди дали Уткин го иницирал формирањето на Вагнеровата група или бил само фронт за некој друг“. Bellingcat наведе дека има информации од извори кои сугерираат дека бил „користен како пригодна мамка за прикривање“. Самиот Пригожин призна дека ја основал групата дури во септември 2022 година, откако претходно ги тужел весниците што го поврзувале со неа. И САД и ЕУ воведоа санкции за Пригожин и Уткин поради улогата на „Вагнер“ во Украина.

Роден во 1970 година, Уткин бил поранешен офицер во руската воена разузнавачка служба ГРУ и служеше во двете војни во Чеченија, како и во Сирија. Тој исто така бил меѓу членовите на „Вагнер“ кои учествувале во руските операции во источна Украина од 2014 година и добил награди од Кремљ за неговата служба.

Во раните 2000-ти, тој служел 10 години како командант на Втората бригада на Спетнац ГРУ на границата со Естонија, пред да се повлече од војската. Сепак, според неговата поранешна сопруга, му недостигал животот на бојното поле.

Тој ретко се појавуваше во јавноста, последен пат беше виден во видеото објавено од Пригожин во јули, во кое шефот на „Вагнер“ им се обраќа на борците во Белорусија, каде што беа испратени по прекинатиот бунт еден месец претходно.

Во видеото, Пригожин претставува човек за кој вели дека е Уткин, и тоа беше првпат да биде снимен командантот како зборува со своите војници.

„Ова не е крај, ова е само почеток на најголемата работа во светот, која ќе продолжи многу наскоро“, вели Уткин во видеото и завршува со „добредојдовте во пеколот“.

Слични содржини