Теми од областа на безбедносната и регионалната соработка, со прашања од областа на критичната инфраструктура, геополитичката ситуација и како таа се имплицира врз регионот, секако и од аспект на ситуацијата околу Украина, ќе бидат дискутирани и разгледувани на регионалниот Безбедносен форум „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западниот Балкан“ што во организација на НАТО – Маршал алумни организацијата од денеска се одржува во Охрид.
Оценка на учесниците на работилницата, меѓу кои професори од САД, од НАТО-колеџот во Рим, професори, експерти и дипломати од областа безбедноста од балканските држави и ЕУ е дека настаните во Украина и надворешната пропаганда претставуваат дополнителен притисок врз просторот на Балканот, регион што веќе го носи епитетот политички нестабилно подрачје.
Нерешената ситуација околу статусот и внатрешната стабилност на Босна и Херцеговина, потоа односите на релација Белград – Приштина, влијанијата врз внатрешните работи во Црна Гора со слабите институции, поделеноста на безбедносниот сектор во земјата, познатиот став на Бугарија кон Македонија, за експертите претставуваат прашања што дополнително го прават регионот ранлив и подложен на надворешни влијанија за остварување некакви интереси.
На собирот во Охрид, меѓу другото, авторитетите од областа на безбедноста на податоците од регионалниот Совет за соработка во регионот со седиште во Сараево, ќе дискутираат за соработката во однос на заштитата на податоците, со акцент на важноста на прашањето во регионалната соработка, како дел од пакетот што се однесува на критичната инфраструктура.