Русија изврши ноќен напад врз Киев и други делови на Украина, објави во неделата украинската војска, додавајќи дека противвоздушната одбрана уништила проектили истрелани кон главниот град.
Цела Украина беше во состојба на готовност три часа во неделата, до шест часот наутро, соопшти украинското воздухопловство. „Непријателските цели кои се движеа во правец на Киев беа уништени од нашата противвоздушна одбрана“, изјави шефот на воената управа на Киев, Серхи Попко.
Во нападот на Киев, додаде тој, биле користени крстосувачки ракети. Украинската војска уништи вкупно четири крстаречки ракети за време на руски воздушен напад во текот на ноќта, објавија киевските воздухопловни сили рано во неделата.
Се вели дека украинските сили откриле до осум цели во воздухот, но не прецизираа каде погодиле другите проектили. Засега нема информации за силината на нападот, евентуална материјална штета или жртви.
Русија објави серија напади со беспилотни летала на нејзина територија. Едно лице загина во пограничната област со Украина, а три московски аеродроми Шереметјево, Домодедово и Внуково се привремено затворени.
Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави дека противвоздушната одбрана соборила украинско беспилотно летало над московската област Истра, на околу 50 километри западно од Кремљ. Во Белгородската област, на границите на Украина и југозападна Русија, едно лице загина од шрапнел од дрон, потврди гувернерот Вјачеслав Гладков.
Прекуграничното гранатирање и нападите со беспилотни летала во јужна Русија траат со месеци, но нападите со беспилотни летала врз Москва се неодамнешна појава.
Од мај, имало неколку напади со беспилотни летала врз Москва, а неколку пати бил погоден и деловниот центар на руската престолнина. Во тие напади нема жртви или поголема материјална штета.