Апелациониот суд во Приштина ја прифати жалбата на Насер Кељменди и го ослободи од обвиненијата за трговија со дрога, откако првостепено беше осуден на затворска казна од четири години и осум месеци.
Во образложението на судската одлука беше наведено дека Кељменди е ослободен од обвинение бидејќи не е докажано дека го сторил кривичното дело за кое е обвинет.
„Тој е ослободен од обвинението бидејќи доказите што се спроведени во судската проверка не докажуваат дека го сторил кривичното дело што се товари во обвинителниот акт“, соопштија од судот.
Специјалното обвинителство на Косово на 31.јули побара од Апелацискиот суд построга казна за Кељменди, кој на 18 мај годинава од Основниот суд во Приштина беше осуден на затворска казна од четири години и осум месеци за трговија со дрога.
Во февруари 2018 година, Кељменди беше осуден на шест години затвор за трговија со дрога, но по жалба, предметот е вратен на повторно судење.
Во другите точки од обвинението, во кои беа опфатени обвиненија за организиран криминал и убиство на Рамиз Делалиќ, државјанин на Босна и Херцеговина, Кељменди беше прогласен за невин.
Во јули 2014 година, Специјалното обвинителство на Косово го обвини Кељменди за организиран криминал, тешко убиство и купување, поседување и дистрибуција на различни видови наркотици.
Во обвинението беше наведено дека Кељменди во периодот од 2000 до 2012 година заработил милиони евра пренесувајќи хероин, екстази, спид и други дроги преку „балканската рута“ што ги поврзува Авганистан, Турција и Европската унија.
Судењето започна во 2015 година, кога Кељменди изјави дека не се чувствува виновен по ниту една точка од обвинението.
Кељменди, роден во Пеќ, е државјанин на Босна и Херцеговина, а за прв пат беше уапсен во 2013 година од косовската полиција врз основа на меѓународна потерница издадена од властите на Босна и Херцеговина.
Министерството за финансии на САД во 2012 година го идентификуваше како трговец со наркотици.