Нов пожар на отворено избувнал денеска околу 15:30 часот во атарот на селата Руѓинце и Белановце во општина Старо Нагоричане.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарникарите од ТППЕ Старо Нагоричане се обидуваат да воспостават контрола над огнот и дека засега е безбедно селото Руѓинце.
„И покрај напорите на пожарникарите пожарот и понатаму се шири и најверојатно ќе биде потребна воздушна поддршка. Бидејќи веќе е доцна за полетување на воздухоплови дадени се насоки да се побара засилување и во текот на ноќта за да се обезбеди село Белјановце кон кое се движи еден крак од пожарот. Пожарникари од ТППЕ Куманово и Кратово набргу ќе бидат упатени и ќе дежураат во близина на ова село“, соопштуваат од ЦУК.
Во текот на ноќта ќе се донесе одлука дали, кога и кои воздухоплови ќе бидат употребени за гаснење на пожарот.