Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во гостување во МРТВ истакна дека Општина Центар пред само неколку месеци го основа ТД „Енергија Центар“ со цел да произведува и продава електрична енергија и тоа и официјално почна да работи минатата недела. Градинката „Пепелашка“ со донација од компанијата ОКТА е првиот општински објект на чиј кров беше поставена фотоволтаичната централа која треба да ја задоволи потрошувачката на градинката. Герасимовски истакна дека идејата за формирање на претпријатието првично била да се намалат високите трошоци за електрична енергија и да се задоволат само потребите на градинките и училиштата во општината.
„Изминатата година со покачување на цените на ел. енергија голем дел од трошоците се одлеваа само за сметки. Дури правевме и ребаланс да одвоиме дополнителни средства за покривање на трошоците за струја коишто беа енормно високи и тоа не предизвика и ни даде идеја да ние како општина основаме претпријатие со кое ќе ги задоволиме потребите на нашите објекти односно оние коишто се под капата на општината. Првично почнавме со идејата да ги задоволиме потребите само на градинките и училиштата во општината но од тоа што го видовме преку анализите кои беа спроведени увидовме дека ќе има вишоци кои можеме да ги продаваме дополнително на отворениот пазар. И со тоа дополнителните средства да бидат пренаменети за други проекти во делот на образованието, подобри сообраќајници, поголемо зеленило. Наместо парите да ги трошиме на енормно високи цени можеме да направиме сами фотоволтаични централи така да ги задоволуваме потребите и дополнително обезбедуваме финансиски средства“, истакна Герасимовски во МРТВ.
Во гостувањето Герасимовски зборуваше и за првиот училиштен ден и бесплатните ранчиња за првачињата и децата од социјално загрозените семејства како и за проектот „Соседска патрола“ каде општината во соработка со МВР, родители и наставници ги едуцираат младите на примерно однесување и зачувување на урбаната опрема и детските и спортски игралишта.