Ќе продолжиме со повисоки плати и од овој 1 септември, вели Шаќири пред најавениот штрајк

од Vladimir Zorba
308 прегледи

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска попладне ќе има состанок со раководството на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) откако претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски, изјави дека планираат штрајк во текот на септември заради ниски плати и кршење на колективниот договор и дека за таа цел работат на окрупнување на членството во училиштата што ќе го поддржат штрајкот.

На прес-конференција Шаќири нагласи дека МОН е отворено за средби со синдикалните организации и соопшти дека вчера имал состанок и со СОНК – Синдикатот за образование, наука и култура.

-Ќе продолжиме со повисоки плати и од овој 1 септември. Покачување ќе има согласно Општиот колективен договор, како што ќе добијат сите вработени во јавниот сектор, вклучително и образование, и одреден процент кој го преговараме со Министерството за финансии за усогласување со минималната плата, рече Шаќири.

Неговата порака до синдикатите е дека не сака, како што рече, учениците и наставниците да бидат дел од дневната политика што се води помеѓу синдикатите за поголемо членство и учениците да не се користат како инструмент поради незадоволство од платите.

-Нека најдат кој било друг инструмент ако не се задоволни, само тоа да не бидат учениците, а јас како министер кажувам дека од 1 септември ќе имаат повисоки плати, му порача Шаќири на НСОН.

Додаде дека за една година, со сите етапни покачувања, платите на наставниците кумулативно  се зголемени 35 проценти и дека тоа не е направено повеќе од 20 години.

-Ако вака продолжиме со новиот модел ан Општиот колективен договор, секоја година ќе се добиваат повисоки плати. И на денешниот состанок ова ќе биде мојот став.  Децата никогаш да не ги користиме за политики, истакна Шаќири.

Слични содржини