Шаќири: На 7 септември ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение

од Stefanija Kuzmanovska
395 прегледи

Во споредба со претходната учебна година, стартот на оваа е поуспешен, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири прашан за оценка за почетокот на учебната 2023/2024 година со оглед на доцнењето на учебниците за шесто одделение и нејаснотиите околу спојувањето неколку предмети во ова одделение.

-Во период од една година успеавме во основното образование да одобриме и истовремено да печатиме и доставиме до училиштата повеќе од 50 наслови на учебници. За оваа учебна година ги завршивме сите постапки во рок од девет месеци од доставување на сите нови (наставни) програми за трето одделение, изјави Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово, кој денеска го посети заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот соопшти дека на 7 септември е наредниот состанок на Националниот совет за учебници и тогаш, рече тој, ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат.

Посочи дека пред 30 дена до училиштата и нивните раководства од МОН се доставени упатства како треба да се организира наставата во однос на спојувањето предмети, за што, како и вчера, повтори дека се работи само за шесто одделение во кое, согласно новата концепција, по предметот Општествени науки првпат се спојуваат предметите Историја, Географија и Граѓанско образование.

Слични содржини