,,Славистиката денес е и незамислива без македонистиката’’
„Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните”. Ова го има забележано еден од најистакнатите странски слависти и македонисти на XX век, Реџиналд де Бреј. Ама заради идејата која довела до организација на оваа Конференција пред пет децении, а на која сме доследни и денес, историјата доби поинаков тек. Преку оваа Конференција непрекинато се покажува дека иако заради општествено-политичките околности, кодификацијата на нашиот, македонски литературен јазик се случи подоцна отколку на некои други словенски јазици, се успеа – научните заклучоци и вистини за македонистиката да го добијат своето место во славистичкиот свет и воопшто во науката. Славистиката денес е незамислива без македонистиката! Македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука!
Ова меѓу другото го истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, на отворањето на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ. Денес, како што истакна Мојсова-Чепишевска, токму оваа Конференција е научен собир за јазик, национална литература и култура кој по континуитетот на одржување, по бројот на изданија и по бројот на објавени зборници е единствен во целиот регион. Јубилејно издание на Конференцијата има учесници од дури 15 земји, покрај од нашата, при што повеќе од половина од учесниците се од странство, а се одржува во светлината на два јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.
Затоа, директорката на МСМЈЛК при УКИМ потсети и на една од пораките на Мисирков, од 1914 година: „Македонија ќе биде самостојна и обединета земја. За тоа гарантираме ние, Македонците. Нас лошо не знаеја и лошо не знаат, но ние ќе се добереме до триумфот на нашето справедливо дело, до толку повеќе што тоа не е во спротивност со ничии интереси…”
– Денес, кога тогашна убеденост на Мисирков, на извесен начин веќе е потврдена, и кога за нашата земја, за нашиот јазик, литература и култура добро знае сета славистика и филологија, не само ние, туку и странските македонисти, балканисти и слависти гарантираат за присуството на македонистичките научни вистини во светот. И тоа и со трудовите што во децениите наназад биле презентирани на оваа Конференција, ама и со трудовите што се дел од обемната програма на ова јубилејно, 50. нејзино издание, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Притоа и посочи дека потврда дека е така ќе биде и обемната библиографија во која ќе бидат претставени сите научни трудови од овие 50 години Меѓународна научна конференција, на која се работи во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски”.
На отворањето на Конференцијата, директорката на МСМЈЛК при УКИМ потсети и на стихови на Шопов: „Таа агонична бучава, тој продорен крик на светот / измешан од најчиста вселенска светлина, / од мака и радост на породилно раѓање и агонија / се шири и искачува на вишини до недоглед, / и од тие вишини го гледа својот иден свет, / а во него и Mакедонија.”
– Ако во овој период на динамични случувања во светот, Ацо Шопов преку поетска слика требаше да ја претстави сегашноста, најверојатно тоа повторно ќе го направеше со овие стихови. Ама и среде таа агонична бучава, денес, светот ја гледа таа, Мисиркова и Шопова Македонија, и преку она што произлегувало и произлегува од оваа Научна конференција – од овие вишини крај Охридското Езеро. Денес, и ние, и славистиката и филологијата воопшто, токму од овде, од овие вишини го гледаме светот, порача Мојсова-Чепишевска.
Таа, од името на МСМЈЛК при УКИМ се заблагодари на сите кои го поддржаа остварувањето на идејата за организација на достоинствена 50. Меѓународна научна конференција: ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски и целата Ректорска управа и целиот ректорат на УКИМ, претседателот на државата, Стево Пендаровски, Министерството за култура и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и компанијата „Алколоид”. „Но, клучно, најголема благодарност упатуваме до на сите оние кои со својот научен потфат и пријавеното учество овозможија Конференцијата да има исклучителна програма” – нагласи Мојсова-Чепишевска.
Во завршницата на своето обраќање, Мојсова-Чепишевска цитираше стихови од антологиската песна „Ветрот носи убаво време” од Шопов : „Убавото е убаво и поминува. / Останува тагата..”
– Посакуваме оваа 50. Меѓународна научна конференција да мине во убава работна атмосфера, со плодотворни дикусии. Иако ќе трае и подолго од вообичаено, веруваме дека сите ќе го понесеме впечатокот дека брзо поминала и дека имаме потреба од уште научни доискажувања. Ама по неа, нема да остане тага, туку ќе останат нови научни согледби, клучни референци за македонистиката и нови научни предизвици. Посакуваме таа да им биде ветер во грбот и на новите генерации странски и домашни македонисти, балканисти и слависти и да донесе и ново убаво време за македонистичката научна мисла, порача директорката на МСМЈЛК при УКИМ.
Инаку, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ја отвори покровителот, претседателот на државата, Стево Пендаровски, по што пред присутните се обрати и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски. На пленарната сесија, учесниците ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Конференцијата ќе трае до 3 септември, со околу 70 пријавени учесници кои своите нови научни согледби од областа на македонистиката ќе ги презентираат на одделни сесии за јазик и за литература и култура.