Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска потврди дека Јохан Флодерус, шведски државјанин кој работи за Европската унија, е затворен во Техеран повеќе од 500 дена.
Како што јави ДПА, Борел рекол дека за да се обезбеди негово ослободување, дипломатските служби на Европската унија „постојано го ставаат прашањето на маса“ на сите состаноци со иранските колеги.
На неформалниот состанок на министрите за развој на ЕУ во Кадиз, Шпанија, Борел рече дека сите напори за ослободување на Флодерус биле координирани со Стокхолм и неговото семејство.
„Њујорк тајмс“ првпат објави за затворањето на Флодерус вчера, опишувајќи го неговото притворање како заложничка дипломатија – иранска тактика за да се обезбеди предност во однос на Западот во преговорите.
Американскиот весник информира дека Флодерус бил уапсен на аеродромот во Техеран во април 2022 година, откако ја посетил земјата со пријатели.