Судскиот совет на денешната 453 итна седница донесе одлука за делегирање на дел од новоизбраните судии од Скопје и Струмица во основните судови Берово, Делчево, Кичево, Куманово, Прилеп и Струга.
На период од една година се делегираат судиите Билјана Иванова од ОС Струмица во ОС Берово, Костадин Георгиев од ОС Струмица во ОС Делчево, Ахмети Идризи од Основен кривичен суд Скопје во ОС Кичево, Андреја Апостолска Малиновска од граѓански суд Скопје во ОС Кичево, Маја Катериниќ од граѓански суд Скопје во ОС Куманово, Кирил Георгиев и Фросина Стојановска од Кривичен суд Скопје во ОС Прилеп, Иван Колевски од ОС Битола во ОС Прилеп, Пајтин Машкули и Јордан Јованов од Граѓански суд Скопје во ОС Струга.
Судскиот совет претходно објави оглас за избор на судии во основните судови каде што постои најголем недостиг на судии, сепак за дел од судовите во внатрешноста не се пријави ниту еден од кандидатите од Академијата.
Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, на почетокот појасни дека итната седница е поради состојбата со недостиг на судии, а со оглед на новоизбраните судии, дел од овие академци да бидат делегирани таму каде што според анализата на Советот, состојбата е најалармантна.
Судски совет, за таа цел формира Комисија, која изработи анализа за состојбата во судовите и нужноста од делегирање судии.
Известителот од комисијата Антоанета Димовска, рече дека состојбата е алармантна во сите судови, а критериумот за делегирање е врз основа на бодови.
-Морам да посочам дека по оваа одлука ни пристигнаа три барања, објаснувања од судиите за нивната состојба. Сепак, за секого својата фамилијарна состојба е најважна, но сепак сметаме дека критериум мора да остане бројот на бодови, изјави Димовска.