Во Скопје денеска се одржува самит на лидерите на процесот Брдо – Бриони. Домаќин на средбата ќе биде претседателот Стево Пендаровски, заедно со претседателите на иницијаторите на процесот, Хрватска и Словенија, Зоран Милановиќ и Наташа Пирц Мусар.
На самитот ќе учествуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, членовите на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ и претседателката на Косово, Вјоса Османи.
За денеска е закажана пленарна седница, по што ќе следи прес-конференција на домаќинот на самитот и изјави на официјални претставници, по што разговорите ќе продолжат на работен ручек и билатерални средби.
Иницијативата Брдо-Бриони беше создадена во 2010 година кога тогашните словенечки и хрватски премиери Борут Пахор и Јадранка Косор, по потпишувањето на арбитражниот договор меѓу двете земји, сакаа да им дадат пример на лидерите на Западен Балкан и да ги поттикнат да решат билатерални прашања и зголемување на темпото на патот на интеграцијата во ЕУ.
Од 2013 година, состаноците во рамките на Процесот Брдо-Бриони се одржуваат секоја година, а на собирите на регионалните лидери им се приклучија специјални гости, меѓу кои и поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, поранешниот претседател на Австрија Хајнц Фишер, претседателот на Германија Франк-Валтер. Штајнмаер, претседателот на Полска Анджеј Дуда, неговиот италијански колега Серџо Матарела, актуелниот претседател на САД, тогашен потпретседател Џозеф Бајден, како и претставници на европските институции.
Минатата година самитот се одржа на Брдо кај Крањ, кога лидерите на земјите од Западен Балкан, наместо декларација, донесоа заклучоци во форма на документ од шест точки, чија главна порака е да се потврди поддршката за забрзувањето на европскиот пат на Западен Балкан.
Минатата година на собирот не присуствуваа претставници на ЕУ и немаше специјални гости.
Во Скопје, поради присуството на највисоките функционери на земјите од регионот, утврден е таканаречен прв степен на безбедност, кој меѓу другото вклучува и посебен режим на сообраќај.