Маричиќ во еднодневна посета на Атина, ќе се сретне и со Герапетритис

од Nikola Popovski
219 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска е во еднодневна официјална посета на Атина, Република Грција, каде ќе учествува на меѓународната конференција, организирана од грчката фондација за надворешна и европска политика ЕЛИАМЕП на тема: „Перспективите за пристапување кон ЕУ на Западен Балкан во контекст на руската агресивна војна против Украина”.

Пред официјалниот почеток на конференцијата, вицепремиерот Маричиќ ќе оствари средба со грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, кој со свое обраќање ќе го отвори настанот.

Маричиќ ќе земе учество на панелот насловен: „Нов моментум за проширување: Како може Западен Балкан не ја пропушти можноста?”, а негови соговорници ќе бидат Мирослав Гачевиќ, помошник министер, Сектор за политички и економски критериуми во процесот на пристапување во Европската унија, Република Србија Одета Барбулуши, советник на премиерот и национален Координатор за регионална економска област, Република Албанија, Јована Маровиќ, поранешен вицепремиер и министер за Европски прашања, Република Црна Гора и Срѓан Мајсторовиќ, Центар за европска политика (ЦЕП), Република Србија, а под модераторство на Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика (ЕПИ).

Овој еднодневен настан содржи серија панели посветени на различни теми и на едно место ќе собери голем број владини претставници и експерти од земјите од Западен Балкан и од ЕУ, вклучувајќи ја секако и Република Грција, кои ќе разменуваат мислења за актуелните предизвици и перспективи за проширување на ЕУ, во сенка на руската воена агресија врз Украина.

Настанот е дел од мрежата на активности што грчкиот водечки тинк-тенк во областа на надворешната политика, ЕЛИАМЕП, ги развива во рамките на овогодишниот собир на Граѓанско општество и тинк-тенк форум (CSF), кој ќе се одржи во октомври во Тирана, во рамките на Берлинскиот процес.

Слични содржини