„Костал“ влегува во трета инвестициска фаза – вложува 50 милиони евра и ќе вработи 250 лица

од Vladimir Zorba
363 прегледи

Филијалата на германскиот концерн за производство на автокомпоненти „Костал“ во земјава влегува во третата инвестициска фаза, што предвидува изградба на капацитети за изработка на специјални автомобилски компоненти, во вредност од околу 50 милиони евра и проектирани до 250 нови вработувања.

Станува збор за воведување нов технички напреден производен процес, со неопходен соодветен високопрофилиран кадар, поточно изработка на специјални компоненти за електрични автомобили.

Инвестицијата предвидува два проекти – капацитет за производство на енергетски модул за полнење електрични возила што ја претвара електричната енергија од неизменична во еднонасочна, инаку технички најсложена и најскапа компонента за автомобили досега произведена во земјава, а другиот проект е изработка на кровни модули што ќе бидат вградувани во сите модели автомобили „Мерцедес“ од наредната година.

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, појасни дека првиот модул за полнење електрични возила ќе биде вградуван во сите автомобили на групацијата „Волксваген“, компонента што ќе се произведува единствено во производствениот капацитет на „Костал“ во Охрид, додека она што е можеби најважно за деловите за „Мерцедес“ што истите ќе се произведуваат по производна линија целосно дизајнирана и произведена во земјава.

– Станува збор за нови работни места за кои е потребен технички напреден профил на работници, оттаму и потребата за интензивен тренинг и обука на идните вработени. Тие ќе се обучуваат во капацитетите на „Костал“ во Ирска и Кина, а веќе и тука има тимови што ќе обучуваат идни кадри за ангажман во производствениот процес, рече Мизо.

Слични содржини