Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, по повод преговорите за новата црногорска влада изјави дека не се исполнуваат заложбите за европскиот пат, членството во НАТО и борбата против корупцијата од секоја партија во црногорскиот политички спектар и дека е неопходно да се избегне антизападна партија да влезе во владата.
Ескобар, сепак, изрази уверување дека црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и мандатарот Милојко Спајиќ имаат исти цели и дека треба да формираат влада од партии за кои веруваат дека ќе ги исполнат.
Ескобар изјави за Гласот на Америка дека не е точно оти исклучувањето на најголемата антизападна партија од владата би било спротивно на волјата на народот бидејќи, како што објасни, поединечните партии се избираат по волјата на народот, а Претседателот треба да одреди како да формира влада.
Ескобар исто така рече дека не е точно дека со исклучување на антизападната партија ќе се исклучат гласовите на Србите бидејќи, како што оцени, нема антисрпско расположение кај ниту една од партиите со кои мандатарот Спајиќ сака да формира влада.
Ескобар наведува и дека идејата еден дел од коалицијата да биде контролирана од странска влада е фундаментално недемократска и неприфатлива, а тој дел, како што наведе, повеќе би бил лојален на лидерот на странска земја, а не на премиерот или црногорски гласачи.
Ескобар посочи дека има многу препораки од САД, ЕУ, Велика Британија, па дури и НАТО, Црна Гора да избегнува да внесе во владата партија која е против членство во ЕУ и НАТО, мислејќи на коалицијата „Za budućnost Crne Gore“.
„Црна Гора е многу солидна и добра членка и сојузник на НАТО и очекуваме тоа да продолжи“, рече Ескобар.
Американскиот дипломат посочи дека има притисок врз партиите во Црна Гора од сите страни за тоа како треба да се формира влада и дека очекувањата на меѓународната заедница се многу јасни.