При денешната посета на општина Ѓорче Петров претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на заканите упатени кон градоначалникот на Гази Баба, Боби Стефковски, го повика министерот за надворешни работи, Оливер Спасовски да реагира, во спротивно, како што рече, неговата партија ќе се организира и ќе се заштити од „криминалците и политичката болумента која што ги штити“.
Боби има закани, за кои што и јас знам, по својот живот и животот на своето семејство затоа што спроведе закон. Односно после неколку предупредувања, интервенции итн., како општина, ја зема правдата во свои раце по закон тоа што треба да го направи и ја урна таа дивоградба. И поради тоа што урна дивоградба добива закани од лицето и семејството на лицето кое што ја изградило таа дивоградба на парцела која што е сопственост на општината, односно државно земјиште каде што треба да никне градинка. И тоа е пријавено во МВР, од МВР не реагираат и оставаме уште неколку дена и ние мора да се браниме и ќе мора да се заштитиме од ваква болумента криминална која што заедно со политичка болумента напаѓа овластени лица само заради тоа што го спроведуваат законот. И верувајте, еве тоа е порака и до овие што се закануваат ќе се организираме и ќе се одбраниме, ако мислат дека нема да се одбраниме, се лажат, порача Мицкоски.
Стефковски во објавата на социјалните мрежи информира дека добил закани по живот како последица на реализацијата за рушење на дивоградба изградена на државно земјиште во населеното место Инџиково.
Тврди дека вчера наутро по пристигнувањето во просториите на општината од страна на службите бил известен дека е забележано присуство на лицето кое го градело објектот пред капијата на општина Гази Баба, а во дворот непосредно до влезот во бараките на општината во близина на моето приватно возило, како што објавува, биле забележани двете лица со кои лицето кое го граделе објектот доаѓало на неколку пати во општината и во чие присуство ги упатувало заканите кон него и вработените во инспекциските служби.