Предлог Закон за амнестија: Потполно ослободување за казна затвор до 6 месеци, нема амнестија за тешки кривични дела

од Nikola Popovski
755 прегледи

Министерството за правда го подготви предлог Законот за амнестија со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела.Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на Влада. Предлог законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собрание кои треба да дадат свои забелешки и сугестии. Според ресорот, целта е да се овозможи рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

Од Министерството посочуват дека со законот се предлага ,лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,, Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , ,, Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува за кривични дела ,,Разбојништво” од член 237 став 5 и ,,Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела ,, Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, ,,Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, ,, Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, ,, Несовесно работење во службата” од член 353-в, ,,Примање поткуп” од член 357, ,, Давање поткуп” од член 358, ,,Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за ,,Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Исто така не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Амнестијата не е предвидена и за правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Народниот правобранител, Насер Зибери денеска изјави дека амнестијата и намалувањето на затворските казни за 30 отсто е само еден од начините за намалување на прекубројноста во затворите.

Тој смета дека пренатрупаноста на затворите само по себе повлекува и други проблеми како што се здравствената заштита на затворениците, условите за живеење таму, проблемите со кои се соочува затворската полиција зашто треба да се грижи за поголем број на затвореници.

Според него, изрекувањето на алтернативните мерки, прохабицискиот систем, системот на алки, се палета на мерки кои во развиените држави одлично функционираат и не прават притисок врз казнено-поправните установи во смисла на прекубројност на сместените осуденици и затоа ги охрабрува судовите да бидат посмели во изрекувањето на овие алтернативн мерки.

Слични содржини