Првиот човек во ресорот образование, Јетон Шаќири уверува дека сите учебници ќе бидат доставени во училиштата до крајот на септември. Вели дека пред два дена се донесоа последните мерки од Националната комисија и се одобриле учебниците по албански јазик, математика и природни науки за 6-то одделение.
Тој појасни дека наредната недела треба да имаат детален податок колку учебници се доставени и колку ќе се достават до крајот на месецот.
До крај на септември секој учебник ќе се достави – транспарентно и детално, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на седницата одржана на 5 септември одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН поради недостигот на учебници во основното образование.
Во образложението се вели дека одлуката е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.