Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека земјата може да се „одвои“ од Европската унија доколку е неопходно, коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент во кој се наведува дека продолжувањето на пристапот на Анкара во Унијата е невозможен според сегашните околности.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со извештајот на ЕП за Турција, усвоен претходно оваа недела, во кој се бара ЕУ да размисли за усвојување „паралелна и реална рамка“ за односите со Анкара, Ердоган рекол дека „ЕУ се обидува да се одвои од Турција “, пренесе Ројтерс.
„Во овој период кога Европската унија прави чекори за одвојување од Турција, ние ќе ја дадеме нашата оценка во врска со овие случувања и по овие оценки, можеме да се разделиме со ЕУ доколку е потребно“, изјавил Ердоган пред новинарите пред неговото патување во САД.
Анкара е кандидат за членство во ЕУ веќе 24 години, но процесот на пристапување беше блокиран во последниве години поради загриженоста на Брисел за состојбата на Турција со човековите права и почитувањето на владеењето на правото.