Трговците и потрошувачите со дијаметрлано различни ставови во однос на намалувањо на цените

од Vladimir Zorba
514 прегледи

Во исчекување на намалените цени на над 50 основни прехрамбени производи, граѓаните веќе споделија ставови кои се во голем дел различни и спротиставени. Додека за еден дел од населението станува збор за непродуктивна мерка која нема да влијае на притисокот врз  куќниот буџет и тоа пред се поради актуелните “изгор’’цени, другиот почна да ја пресметува заштедата која ќе успее да ја реализира.

„Ќе можам да пазарувам со 10% пониски цени на лебот, млекото, кашкавалот, сирењето…и секако дека ова поефтинување има значење за мене како пензионер“, изјави за „Локално“, Миле Стојковски.

Неговиот став го дели и Елена Матевска која дополнува дека одлуката е добра, но дека со овој чекор би се постигнал максимален ефект само доколку дојде до многу поголемо намалување на цените од предвидените 10%.

„Позитивно е тоа што се прават обиди да се стави крај на огромните профити на одредени трговски ланци, но ваквата пракса треба да биде постојана, во текот на целата година. Само на тој начин потрошувачот ќе биде заштитен и испочитуван во вистинска смисла“, вели студентот Марко Цветковски за кого е целосно нелогично тоа што одредени цени кај нас се многу повисоки отколку во повеќето земји во Европската унија.

Трговците од своја страна, останаа на својот став кој го искажаа и во претходниот случај, кога државата донесе ваква мерка. За нив не станува збор за трајно, туку за популистичко решение  кое ќе има долгорични последици. Според Џемаил Даути- директор на една од најголемите компании за дистрибуција на стока за широка потрошувачка- Даути Комерц ваквите мерки значат мешање на државата во ценовната политика, а тоа е како што вели непотребно и нелогично.

„Конкуренцијата треба да ги регулира цените, но кај нас се случуваат ад- хок ситуации во кои државата постојано презема мерки и на тој начин се меша во цените на продуктите што на крајот не влијае добро на пазарот. Сметам дека владата и министерството за економија треба да создаваат правила на игра во кои ќе преовладува конкуренцијата, а не да се прибегнува кон лимитирање на слободниот пазар и ограничување на маржите и цените. Ваквите мерки не даваат трајно решение“, изјави Даути за „Локално“. За него се  беспредметни и погрешно насочени и обвинувањата дека дел од трговците остаруваат екстра профити на грбот на купувачите.

„Врз основа на што тоа го тврдат? Дали некои компании користеле доминантна, монополна ситуација на пазарот ( иако таква нема),  со тоа треба да се занимава Комисијата за заштита на конкуренцијата“, вели Даути.

 Во оваа насока тој укажува на ставот на Стопанската Комора на Северозападна Македонија дека Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да го конфискува и казни таквиот субјект бидејќи е  законски обврзана да ја сузбива доминантната позиција на пазарот на одредени субјекти во ситуации кога купецот е приморан да купува од одреден маркет. Во однос на забраната на акциските попусти Даути посочува дека ја сфаќа ситуацијата на Владата, но дека делот на промоции и акции е правно нерегулирана област поради што е потребна регулација.

Како основен предуслов во контекст на целата ситуација тој ја посочува потребата од  создавање конкурентен пазар. За него е недозволиво  за одредени  производи од некои земји да важат високи царини, а од други земји  да нема царини иако Македонија е дел од ЦЕФТА и други меѓународни асоцијации.Оттука,категоричен е дека е неопходно министерството за економија и останатите  надлежни институции да ги укинат сите тарифни и нетарифни бариери за производите кои имаат субвенционирана даночна стапка од 5 %. Затоа е потребно  како што вели, сите производи да се ослободени од царини со што  конкуренцијата ќе биде поголема.

Од друга страна, Владата според него треба да превземе други мерки за заштита на потрошувачката, а меѓу основните ги посочува субвенционирањето  на домашното производство кое треба да биде поголемо, како и распределбата на ваучери наменети за ранливите категории граѓани кои со нив би купувале одредени домашни производи.

Одлука за замрзување на цените ќе се донесе во вторник на владина седница, а веќе од среда пазарните инспектори ќе прават проверки на терен. Дополнително ќе се носат и мерки за производителите и дистрибутерите. Ќе има и ново законско решение за нефер трговски практики, со кои се укинуваат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија. Најголем дел од производите чии цени ќе се намалат се со  ДДВ од 5 отсто.

 К.В.С.

Слични содржини