Османи во Њујорк на 78-то Генерално собрание на ОН

од Vladimir Zorba
226 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од утре ќе учествува на неделата на висок сегмент на 78-то Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк, каде во својство на министер за надворешни работи, но и Претседавач со ОБСЕ, А5 и ПСЈИЕ ќе земе учество на повеќе важни настани.

Оваа посета се реализира во историски момент за Северна Македонија, кога земјата во исто време претседава со три различни процеси кои се од големо национално значење: ОБСЕ, САД – Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, на кои претседавач е министерот Османи.

Во таа насока, Османи ќе предводи важни средби со земјите од А5 САД-Јадранската повелба, земјите членки на ПСЈИЕ, ОБСЕ Тројката, и повеќе билатерални состаноци со министрите за надворешни работи на повеќе земји. Воедно ќе учествува и на низа други настани на високо ниво организирани од страна на ОН.

Делегацијата на овогодинешниот висок сегмент на Генералното собрание е предводена од Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а Генералната дебата се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно враќање на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите”.

Слични содржини