Русија лансираше шест беспилотни летала Шахед од иранско производство и 10 крстосувачки ракети, при што украинските сили уништија шест беспилотни летала и шест проектили пред да ја погодат целта, соопштиле од киевското воздухопловство.
Ситуацијата во Одеса и нејзините пристаништа беше внимателно следена на пазарите за жито, бидејќи Киев во саботата објави дека два товарни брода пристигнале таму за да користат привремен коридор и да запловат до пристаништата на Црното Море, со што би товареле жито за африканските и азиските пазари.
Во одбивањето на воздушниот напад учествуваа борбени авиони, противвоздушни ракетни единици, мобилни вооружени групи и други средства, соопштија од воздухопловните сили.
Гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм соопшти дека силос за жито и земјоделски полиња се оштетени во областа Березивски во источниот дел на регионот.
-За среќа, нема жртви, обелодени Кипер.
Целата територија на Украина неколку часа беше под готовност за воздушен напад.
Украина минатиот месец објави „хуманитарен коридор“ во Црното Море за да ги ослободи бродовите заробени во нејзините пристаништа од почетокот на војната во февруари 2022 година и да ја заобиколи де факто блокадата откако Русија го отфрли договорот да му дозволи на Киев да извезува жито.