Повторно одложено рочиште за тепањето на Пендиков, поднесено обвинение и против вториот осомничен

од Nikola Popovski
311 прегледи

Денеска повторно беше одложено рочиште од случајот за претепувањето на секретарот на сега згаснатото здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.

Причината овојпат е протестот на вработените во судската администрација, кои на влезот ги пречекале оние кои влегувале во Основниот суд во Охрид.

Во судницата се појавил првообвинетиот Илија Спасески. Според информациите, неговиот адвокат дошол во судот, но не влегол во судницата со образложение дека го поддржува штрајкот на судската администрација.

Обвинителството, според судијата Бојан Мартиноски, поднело обвинение за претепувањето на Пендиков и против уште едно лице – Борче Ангелов. Тој бил препознаен од Пендиков како втор учесник во инцидентот што се случи на 19-ти јануари во Охрид. Од снимките на безбедносните камери, кои биле прегледани на едно од рочиштата, се гледа како две лица го тепаат Пендиков.

Обвинението против Ангелов е и за нанесување тешка телесна повреда, а на следното рочиште ќе се одлучува дали ќе се спојат двата случаи кои се однесуваат на тепањето, објаснил адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски.

Следното рочиште е закажано за 26 октомври.

Охриѓанецот Пендиков, кој во меѓувреме доби бугарско државјанство и моментално живее во Софија, пред девет месеци беше жртва на физички напад во кафуле во Охрид, а ден потоа со владиниот бугарски авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Бугарија.

Слични содржини