Битиќи од Њујорк: Нашите национални политики имаат 83% усогласеност со Целите за одржлив развој, просек што е далеку над глобалниот просек

од Nikola Popovski
196 прегледи

За да можеме да зборуваме за одржливост на економскиот развој, мораме да го хармонизираме со природата, да го остваруваме во мир и безбедност, но и да ги споделуваме неговите придобивки со сите, односно никого да не оставиме зад себе”, изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, после вториот ден на неговото учеството на 78-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Во неговата изјава, вицепремиерот Битиќи посочи дека ова е една од суштинските пораки кои произлегуваат од Политичката декларација на Самитот за одржлив развој, а која беше усвоена од 193 земји-членки на Обединетите нации.

„Овие денови, овде во Њујорк ја афирмиравме посветеноста на нациите во светот на остварувањето на 17-те цели за одржлив развој, дефинирани во Агенда 2030. Постигнатиот консензус ветува дека ќе се изгради меѓудржавна солидарност, ќе се врати оптимизмот и ентузијазмот за обезбедување на развој и подобар квалитет на живот за секого и насекаде, вклучително и во нашата земја. Владата на Република Северна Македонија веќе ја има изразено својата посветеност за реализација на Агенда 2030, а напредокот кој го имаме направено е регистриран и преку Интегрирана проценка, со која е утврдено дека нашите национални политики имаат 83 отсто усогласеност со Целите за одржлив развој, просек што е далеку над глобалниот просек”, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на Националната развојна стратегија, која ќе ја постави институционалната рамка за постигнување на општествен консензус во насока на создавање на политичка атмосфера и мобилизиравме позитивна политичка енергија за поставување на 20 годишни развојни приоритети, кои ќе претставуваат основата за локализирање и реализирање во уште повисок степен на Целите на одржлив развој.

„Како потврда на нашите институционални заложби за економска и социјална трансформација, пратена од засилена зелена транзиција, може да се препознае и потпишувањето на „Меморандумот за разбирање” и „Договорот за привилегии и имунитети” со Зелениот климатски фонд, со што Северна Македонија наредната година ќе биде домаќин на Регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија”, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи рече дека Владата на Република Северна Македонија ги зацврстува институционалните капацитети за спротивставување на климатските промени, но и гради и спроведува политики кои ќе обезбедат социјално и еколошки балансиран економски развој, насочен кон благосостојбата на нашите сограѓани и нивниот просперитет.

Слични содржини