Левица денеска соопшти дека поднеле Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за именување на улици, донесена од страна на Советот на Град Скопје на ден 30 март 2021 година.
-Оваа одлука донесена во времето на Петре Шилегов, освен што претставува популистичка мерка и обид за мобилизирање на изборни гласови од страна на албанското гласачко тело, претставува и директна спротивност на член 6 од Законот за именување на улици, мостови и плоштади, поточно, ги навредува националните чувствата на македонскиот народ и предизвикува нетрпеливост и раздор помеѓу етничките заедници во Република Македонија – се вели во соопштението на Левица.
Додаваат дека улиците кои со што се опфатени со нивната иницијатива сега ги носат имињата на Адем Демачи, Ернест Колиќи, Митхад Фрашери и Сул Хота.
Промената на имиња на улици, булевари, плоштади и мостови ја најави екс-градоначалникот Шилегов во 2019 година. Шилегов тогаш кажа дека Скопје по земјотресот е изграден благодарение на светската хуманост и солидарност, но за жал претходната власт многу од тие спомени избришала.
Некои од улиците си ги вратија старите имиња преку кои беа познати повеќе децении, а дел од новите не беа прифатени во јавноста.