Љубовната приказна на Шакира и Жерар Пике беше убава за многу нивни обожаватели, а многумина беа убедени дека ништо нема да ги раздели. На крајот на краиштата, тоа се случи и секој ден во медиумите пристигнуваат нови интересни работи што се случувале во нивните четири ѕида, во ерата на најголемата љубов.
Пред да дознае дека нејзиниот животен партнер и е неверен, Шакира била убедена дека тој е вистинскиот, дека тој е личноста со која ќе биде до крајот на животот. Но, сè се промени кога дозна дека Жерар Пике има и други девојки „на страна“, па во јуни 2022 година реши да продолжи сама.
Колумбиската пејачка проговори за нејзината 11-годишна врска, во која добија два сина – 10-годишниот Милан и осумгодишниот Саша, во новото интервју за Билборд.
„Мојот прв приоритет беа домот и моето семејство. Верував во „додека смртта не не раздели“. Верував во тој сон и го имав тој сон за себе, за моите деца“, изјави Шакира, додавајќи дека се надева дека ќе има љубов каква што имале нејзините родители, кои се заедно 50 години.
„Тие се сакаат како првиот ден. Нивната љубов е уникатна и неповторлива. Па знам дека такво нешто е можно. Тие отсекогаш биле мои примери и го сакав тоа за себе и за моите деца, но тоа не се случи“.
Зборувајќи за врската со Пике, 46-годишната пејачка призна дека ја оставила својата музичка кариера на страна додека живеела со фудбалерот во Шпанија.
„Се посветив на него, на нашето семејство. Тешко ми беше да се фокусирам на мојата професионална кариера додека живеев во Барселона. Едноставно не можев да ги оставам децата и да одам да пеам далеку од дома. Беше тешко да се одржи тој ритам“.
Сега кога повторно е сингл, нејзиниот фокус повторно е на музиката, а долго време е во студио и прави планови за турнеја во 2024 година.
Преселбата во Мајами беше добро и за нејзините синови, кои конечно можеа да здивнат од папараците кои ги следеа и чекаа пред влезната врата од куќата во Барселона.
„Овде има само деца, како и сите други, кои уживаат во нивното растење и со своите пријатели“, додава пејачката.