Власта да покаже повеќе разум и да ги прифати барањата на пензионерите, побара лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од тетовска Брвеница, одговорајќи на новинарско прашање. Тој не го прифаќа ставот на власта дека нема простор за решение.
– Па видете од власта велат дека нема простор за договор затоа што потрошија 200 милиони евра а од тие 200 милиони евра, гледате дека нема ниту лопата, гледате дека не е ископан ниту еден ров за оној капитален проект, и тоа се пари коишто завршуваат најчесто во приватни џебови како резултат на провизија и затоа нема за пензионерите. Јас веднаш повикувам на состојба кога треба да се разговара со пензионерите, тие ја имаат нашата поддршка, ја имаат мојата поддршка, и очекувам дека ќе се вразуми власта и дека ќе постапи според потребите на пензионерите бидејќи инфлацијата, скапиот живот и ова што се случува практично го уништува на дневна основа стандардот на граѓаните и пензионерите, нагласи Мицкоски од Брвеница каде беше во рамки на партиската кампања „Ова е Македонија за сите“.