Американскиот музичар Ашер ќе настапи на полувремето од финалето на плејофот на американската професионална лига во американски фудбал, „Супер Боул“, што ќе се одржи на 11 февруари следната година во Лас Вегас, соопшти НФЛ.
Ашер е познат како крал на R’n’B, а во деведесеттите неговите песни беа омилени за слушање на секое вечерно излегување.
Иако во денешно време не објавува голем број нови хитови, неговата работа во деведесетите му донесе висок статус на листата на најдобри музички изведувачи.
„Тоа што ќе можам да додадам настап на „Супер Боул“ на мојата листа на достигнувања е како награда за животно дело. Едвај чекам да му понудам на светот шоу кое досега не е видено“, ја коментираше Ашер веста за големиот ангажман, кој музичарите го доживуваат како исклучителна чест.
Во текот на својата 30-годишна кариера, Ашер продаде над 80 милиони плочи ширум светот и освои осум Греми награди, кои се сметаат за најпрестижни во музичката индустрија.
Според магазинот Билборд, Ашер е вториот најуспешен изведувач во 2000-тите, а негови најголеми хитови се „U Got It Bad“, „OMG“ и „Yeah!“.