ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Законот за амнестија со сите демократски и парламентарни средства

од Nikola Popovski
288 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ повторно порача дека ќе го блокира предлог-законот за амнестија, кој за десетина дена треба да се најде пред пратениците во Собранието. Од најголемата опозициска партија велат дека овој закон како и скорешната измена на КЗ „значат упад во правната држава и се прават шверцерски, интерно само внатре во владината коалиција без јавна расправа и консултации со експертите, што само говори дека се работи за партиско – политичка операција“.

-Информациите во јавноста кои говорат дека со оваа амнестија се ослободуваат учесници во тешки кривични дела, како учесници во странски боишта или осудени за случајот со убиството кај Смиљковци, само покажуваат зошто власта се обидува сето ова да го протурка кришум и набрзина, порачуваат од партијата на Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека со сите демократски и парламентарни средства ќе го блокираат неговото донесување.

Министерот за правда, Кренар Лога вчера соопшти дека останува на сила истиот закон од 2018 година, но додадени се делата кои нема да се амнестираат, врзани со коруптивните дела.

-Законот не влегува во конкретни предмети. Повикувам да не се игра со имиња и со емоции. Од таму не излегуваат академци, туку се знае – затвореници кои се осудени за кривични дела. Само во ВМРО-ДПМНЕ се случува да влегува затвореник како криминалец, а да излегува како академик и да се пречекува во Белата палата како некој јунак во државата, кажа Лога на брифинг со медиумите.

Доколку биде блокиран законот во Собрание, министерот порача дека со тоа ВМРО-ДПМНЕ и другите партии ќе треба да се демантираат себеси за законот од 2018 година.

-Освен албуми со слики од условите во затворот во Идризово, пратениците од мене ќе добијат и огледало, за да се прашаат себеси дали ќе дозволат обични граѓани во земјава со помали кривични дела да се враќаат дома како насилници. Да не се злоупотребува ова прашање, посочува Лога што ќе се случи доколку не помине законот.

Како основна причина за донесување на закон за амнестија во предлогот доставан денеска до медиумите е посочена потребата од ресоцијализација на определен број осудени лица, имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.

Слични содржини