Пријател на Путин кој ги мрази медиумите се враќа на власт во Словачка: Беше најголемиот антиваксер во земјата, обвинет e за корупција

од Stefanija Kuzmanovska
736 прегледи

Судејќи според резултатите од неодамна одржаните парламентарни избори, лидерот на партијата Смер-ССД, Роберт Фицо, повторно ќе дојде на власт во Словачка. Ова предизвика голема загриженост во Европа, имајќи предвид дека Фицо отворено го поддржува Владимир Путин, има грст обвинувања за корупција, е антиваксер и противник на се што е западно во Словачка.

Изненадувачки резултати на изборите

На парламентарните избори што викендов се одржаа во Словачка, партијата Смер – ССД, предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо, освоила најголем број гласови – 23,31 отсто, врз основа на 99,2 отсто од преброените гласови. Со ова Фицо најави големо враќање на политичката сцена, но ќе му требаат коалициски партнери. Европската унија е, најблаго речено, разочарана од резултатите на овие избори, имајќи предвид дека Фицо е голем почитувач на ликот и делото на Владимир Путин.

Според неофицијалните резултати од изборите, партијата Прогресивна Словачка заврши на второто место со 16,98 отсто, иако прогнозите пред изборите предвидуваа нејзина победа. Следат Хлас-СД со 14,98 отсто, коалицијата ОЛАНО-За народна христијанска унија со 9,02 отсто, КДХ со 6,91 отсто, СаС со 6,18 отсто и Словачката национална партија (СНС) со 5,67 отсто.

Ова јасно стави до знаење дека можност да формира нова влада ќе добие Роберт Фицо, лидерот на партијата Смер – ССД, која е означена како проруска.

Кариера полна со скандали и афери

Роден во работничко семејство, Фицо дипломирал право во 1986 година и се приклучил на тогашната владејачка Комунистичка партија. По падот на Комунистичката партија во 1989 година, тој работел како владин адвокат, освоил место во парламентот под преименуваната Комунистичка партија и ја претставувал Словачка во Европскиот суд за човекови права.

Фицо ја води партијата СМЕР од 1999 година, откако ја основа за да се спротивстави на централнодесничарската реформска влада.

Тој беше премиер на Словачка во неколку наврати, во 2006 и 2010 година, а потоа повторно од 2012 до 2018 година.

Во 2018 година, новинарот Јан Куцијак, кој истражуваше поткуп на високи владини нивоа, и неговата вереница Мартина Куснирова, беа убиени од платен убиец. Во моментот на убиството, Куцијак го истражувал Фицо и високи членови на неговата партија.

Тоа доведе до масовни протести против поткупот и Фицо беше принуден да поднесе оставка. СМЕР ја загуби власта на изборите во 2020 година од партиите кои ветија дека ќе ја искорнат корупцијата, а неговата партија се подели.

Истата година, Фицо стана најголемиот противник на маските за заштита од коронавирусот, како и на вакцинацијата.

Фицо, исто така, ги отфрли обвинувањата за поткуп што ја оптоваруваа неговата партија во текот на неговата политичка кариера. Тој беше обвинет за криминален заговор во 2022 година, за користење полициски и даночни податоци за борба со политичките непријатели. Тој ги негираше обвиненијата, а тие подоцна беа отфрлени.

Додека беше на власт истакна дека не сака да ја признае независноста на Косово.

Компензирајќи го недостатокот на блиски политички сојузници во ЕУ, Фицо се обиде да ги зајакне односите со неколку земји кои не се членки на ЕУ, како Србија и Русија.

Кога Русија започна инвазија на Украина, Фицо се спротивстави на снабдувањето со оружје и муниција преку територијата на Словачка. Тој, исто така, се спротивстави на членството на Украина во НАТО и тврдеше дека пристапувањето на Украина во Европската унија до 2025 година е нереално сценарио.

„Медиуми – криминална организација“

Во 2022 година, Фицо повеќе пати изјави дека новинарите се „организирана криминална група со цел да се уништи словачката државност“ и ја повика словачката полиција да ги истражи. Во ноември 2021 година, тој ги опиша новинарите како „Соросова корумпирана банда свињи на кои водата веќе им врие“. Смета дека медиумите се „опседнати“ со него и неговата партија, сакаат да ја „уништат“ и „да водат џихад против неа“.

На своите прес-конференции тој често вербално ги напаѓа, омаловажува и отворено ги навредува присутните новинари, често обвинувајќи ги за пристрасност и напади врз неговата влада. Во неколку наврати отворено упати пцовки кон одредени новинари.

Слични содржини