Роберт Фицо, поранешниот левичарски премиер на Словачка, успеа да го победи својот прогресивен ривал Михал Шимечка на вчерашните парламентарни избори, откако водеше кампања за суспендирање на воената помош за Украина. Сепак тој мора да најде сојузници за да формира нова влада во Братислава. Дел од западните агенции оценуваат дека владата на Словачка, на чело со Фицо ќе ѝ се придружи на Унгарија во оспорувањето на консензусот во Европската унија во врска со поддршката за Украина, токму во моментот кога овој блок се обидува да одржи единство на прашањето за спротивставување на руската инвазија. Се вели дека ова ќе означи натамошен пресврт во регионот против политичкиот либерализам, кој може дополнително да се зајакне доколку конзервативната партија ПиС победи на изборите во Полска подоцна овој месец.
„Словачка и народот на Словачка имаат поголеми проблеми од Украина“, рече Фицо на прес-конференција по објавувањето на изборните резултати. На прашањето за ставот на неговата партија за помошта за Киев, тој истакна дека ако неговата партија успешно формира влада, сепак ќе биде подготвена да помогне, но само на хуманитарен начин. „Ние сме подготвени да помогнеме во обновата на земјата, но вие го знаете нашето мислење за вооружување на Украина“, додал мандатарот. Тој исто така водеше силна кампања против илегалната миграција пред изборите, критикувајќи ја привремената влада дека не направи повеќе и ги суспендираше европските Шенген правила.
Дел од западните лидери и функционери ги нарекоа погрешни ваквите намери на Фицо. Според аналитичарите и познавачи на состојбите, Фицо многу наликува на Орбан. Дипломатот и поранешен македонски амбасадор, Нано Ружин во разговор за „Локално“ вели дека иако левичарскиот националист добил најголем број на гласови, нема апсолутно мнозинство.
-Тој сега треба да најде друга политичка партија и мислам дека се расположени една од опозициските партии да влезат во власт. Тоа што го ветува Фицо и наликува многу на Орбан е закана за европското единство. Сепак овие работи треба да ги земеме со резерва затоа што е едно политичка кампања, а друго е како ќе се однесувате во реалноста. Факт е дека Европа е малку уморна од напнатоста и социјалните и економските ефекти од војната во Украина, од бројот на имигрантите, анализира Ружин.
Според него, особено реагираат Словаците кои исто така доживуваат социјална и економска криза.
-Од друга страна гледаат богати Украинци со убави возила како се движат. Тој популизам го искористи Фицо за да победи на изборите, смета дипломатот.
Ружин нагласува дека е пресудно што Европа во овој миг е во фаза на самоидентификување и самодефинирање и во такви услови не можеме да зборуваме дека ќе дојде до голема промена.
-Веројатно бројот на оние популисти на чело со Орбан и Фицо се зголемува, додека тоа не е случај со најголемиот сојуз на Украина – САД. Од една страна постои големо разочарување што на воен план Украина не успеа со својата офанзива и најавата на долгата војна ги вознемирува духовите на Европа и оние на САД. Путин очекува промени и се надева дека поранешниот претседател на Америка, Доналд Трамп ќе дојде на чело на државата и дека е можен некаков договор околу Украина, посочува соговорникот.
Поранешниот македонски амбасадор во НАТО објаснува дека се уште живееме во една турбулентност и ако кон тоа го додадеме она што се случува во Косово, сме под големи пресии на геополитиката и на афектираноста на граѓаните од војните што се случуваат и во Европа и она што се случува како епизодни настани во нашето соседство.
Словачка е членка на НАТО и ѝ даде на Украина оклопни транспортери, хаубици и целата нејзина флота борбени авиони МиГ-29 од советската ера. Досега Унгарија беше единствената членка на ЕУ која постојано се спротивставуваше на санкциите кон Русија.
Н.П.
Фото: Szilárd Koszticsák / MTI