Шведски пратеници во земјава: Ризик од корупција има насекаде, но борбата мора да продолжи

од Nikola Popovski
174 прегледи

Во Собранието се одржува дводневна работна средба со Делегација на Управувачката група за демократски развој на шведскиот Риксдаг, во чиј фокус се борбата против корупцијата и мерките за справување, како и европската интеграција на земјава.

Зендели изрази задоволство од можноста за размена на мислења со претставници на земја како Шведска, со долгогодишно парламентарно искуство и добри практики. Исто така, како значајна ја издвои соработката на службите од двата парламента, кои паралелно одржуваат работни средби.

Лундген истакна дека во овие четири години соработка на ова ниво, се создале длабоки и трајни пријателства, со успешни дискусии предочени во парламентите, а сѐ со цел подобрување на животот на граѓаните во двете држави. Таа нагласи дека на европскиот пат, учинокот е основа за отворање преговори и поглавја, а корупцијата е важно прашање на кое треба да се работи.

Во продолжение, збор зедоа и пратеничките Маја Морачанин, Гордана Сиљановска-Давкова и Ќамила Хансен.

Морачанин ја означи корупцијата како еден од најгорливите проблем со кој се соочува македонското општество на секое ниво Таа ја спомена и злоупотребата на службената положба, нешто што на граѓаните им пречи и затоа имаат недоверба во правосудството, но ваквата недоверба се јавува и кај самите судии и обвинители, кои се соочуваат со политички и бизнис притисоци.

Сиљановска-Давкова го започна обраќањето со цитатот „Секоја моќ се заканува да ве корумпира, а апсолутната – апсолутно!“. Потенцира дека корупцијата во нашето општество е системска, пред сѐ затоа што нема добро изведена поделба на власта. Главниот фактор за корупцијата е во партизацијата и политизацијата.

Ризик од корупција има насекаде, не можеме да бидеме целосно безбедни – рече Хансен, додавајќи дека за нејзино надминување треба да се работи со знаење, вредности, ресурси, заедничка соработка, доверба, владеење на правото, како основен критериум за влез во ЕУ.

Билјана Ивановска, како претседателка на Државната Комисија за спречување на корупцијата, ги запозна присутните со работата на оваа независна и самостојна институција. Таа изврши презентација на Националната стратегија како најважен нивни документ кој го усвои Собранието, врз основа на ризиците на корупција, а тоа се: силно политичко влијание, невладеење на правото, слаба доверба на граѓаните во судството, недоволната транспарентност на институциите и отсуството на интегритет. Ивановска потенцира дека постои доброосмислен систем, но тој не се почитува и нема резултати затоа што сите алки во системот не функционираат како што треба.

Народниот правобранител Насер Зибери, информира за начинот на дејствување на ова национално тело за заштита на човековите права и слободи, кои имаат највисок вредносен статус во нашиот Устав и темелна вредност во нашето уредување.

Слични содржини