Османи: Ќе докажеме дека Вучиќ го наредил нападот на северот на Косово

од Vladimir Zorba
382 прегледи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го обвини претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека директно го наредил нападот на северот на Косово, откако најави дека ќе објави докази за тоа во следните денови и повика на воведување остри санкции кон Белград за да не би биле охрабрени да користат насилство, не само против Косово, туку и врз другите земји во регионот.

Во интервју за Си-Ен-Ен, Османи рече дека нема потврда дека Србија почнала да ги намалува силите по административната линија и додаде дека Приштина соработува со своите сојузници од трансатлантската заедница.

„Косово се соочува со невидени предизвици кои произлегуваат од актот на агресија нарачан од државата Србија“, посочи таа.

Османи рече дека акцијата била спроведена од терористички и паравоени групи, која не се случила наеднаш и ненадејно, туку била добро испланирана и со намера за „кримско сценарио за анексија на северот на Косово“.

„Нашите сили го спречија тој план, а испраќањето на војската околу границата со Косово, не само на север, покажува планови за дестабилизација на регионот со цел да му се дозволи на рускиот претседател Владимир Путин да отвори нов фронт со Западот на Западен Балкан“, кажа Османи.

Многу е важно да се воведат санкции кон Србија, рече Османи, бидејќи доколку нема остри мерки, ќе се поттикне повторно да се применува насилство, не само на Косово, туку и врз другите во регионот.

Османи наведе дека има јасни видео докази за обука на територијата на Србија, во воени бази и тврди дека оружјето што е запленето е произведено пред шест недели, додавајќи дека „не го користат обичните граѓани, туку армијата“.

На прашањето за апсењето на Милан Радоичиќ, до неодамна потпретседател на Српската листа, Османи рече дека тој е најблискиот соработник на Вучиќ во дестабилизацијата на регионот и личност која е на црната листа на САД и Велика Британија. .

„Учествуваше на седниците на Советот за национална безбедност, седеше до Вучиќ, а Белград сега се крие зад него, но во наредните денови ќе објавиме многу јасни докази дека наредбите се од Вучиќ“, повтори таа.

Запрашан за дијалогот и формирањето на Заедницата на српските општини, Османи нагласи дека Косово е нападнато и е цел на агресија, а првото нешто што треба да се направи е Радоичиќ и „другите терористи“ да му бидат предадени на Косово „каде правдата ќе биде задоволена“.

„Во дијалогот има само една конструктивна страна, а тоа е Косово, кое исполни 99 отсто од обврските“, рече Османи и нагласи дека Вучиќ постојано кажува дека сака да преговара, но никогаш не го исполнува договореното.

„Косово ги презеде обврските од бриселските договори од февруари и Охридскиот анекс, се залага за имплементација и не бегаме од ЗСО, бидејќи членот 7 предвидува самоуправа за Србите“, посочи Османи.

Слични содржини