Официјалните лица на ЕУ се подготвуваат да започнат преговори со Украина за нејзиниот иден влез во Унијата, пишува американскиот весник Политико, повикувајќи се на свои извори.
Соговорниците за весникот соопштиле дека лидерите на земјите од ЕУ се подготвуваат да му дадат зелено светло на Киев за почеток на официјални преговори за приклучување кон асоцијацијата на 27 земји до крајот на годинава.
„Политико“ пишува дека Европската комисија треба да објави „извештај за напредокот“ за тоа колку Украина и другите кандидати за членство ги исполнуваат барањата на ЕУ за влез во блокот.
Во јуни Украина доби статус на кандидат за членство во ЕУ, па сега специјална комисија ќе проучува колку добро ги исполнува условите за влез и дали ги исполнува сите препораки.
„Политико“ истакнува: по извештајот, комисијата може да издаде соопштение во кое ќе ја покани Украина да се приклучи на политичкото семејство на европските народи. Тоа нема да им се допадне на сите земји-членки на ЕУ, но „политичкиот притисок околу него ќе биде премногу силен за да можат поединечни земји-членки да се спротивстават“.