Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска соопшти дека дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.
-Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија, наведува ЗКЛМ.
Тенденциозни и невистинити – вака раководството на М-НАВ ги оцени тврдењата на претседателот на Синдикатот на контролорите за летање, кој најави штрајк поради нерегуларности во процесот на вработувања и внатрешните прераспоредувања, како и поради застареноста на опремата во компанијата.
Во соопштението кое Управниот одбор на М-НАВ го испрати до медиумите се посочува дека вработувањата на контролорите на летање се спроведува согласно критериумите на Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Евроконтрол) и интерните акти. Во последните две години, велат од М-НАВ, се примени 20 нови кадри, од кои 12 се здобиле со лиценца, а другите осум се во фаза на практична обука.
Синдикатот на контролори на летање во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најавува штрајк на 12 октомври, при што во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром. Велат дека незадоволството е големо поради наталожени проблеми од раководството на МНАВ – лоши услови за работи и наместени огласи.
На неповолните состојби, како што вели, укажуваат долго време, а го информирале и Министерството за транспорт.
Синдикатот обвинува за партиско-клиентелистичко вработување на луѓе по нарачки, плус со несоодветно образование, до степен на превработеност во Контролата на летање.
МНАВ е институција со сопствени тела за менаџирање и своја програма за работа и сопствен буџет. Согласно меѓународните стандарди, МНАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај, на кој што е членка.