Во страшната сообраќајна несреќа кај Венеција загина бремената Хрватка Антонела Б.(24), а нејзиниот сопруг Марко Б, исто така 24-годишен, е на интензивна нега во болница. Станува збор за млад брачен пар од Сплит, а нивниот идентитет го потврди италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Антонела и Марко се венчале пред околу 20 дена, а отпатувале во Венеција на свадбено патување.
Антонела од Сплит била бремена, а хрватскиот портал „Индекс“ објави дека најверојатно била во петтиот месец од бременоста.
Нејзиниот сопруг Марко е на интензивна нега во тешка состојба и му бил загрозен животот, но во моментов е стабилен.
Завршил туризам и угостителска школа во Сплит, а професионално се занимава со фудбал. Тој неодамна се пресели од Работничкиот клуб Сплит во ХНК Мравнице. Играше и за Загора Унешиќ, Јунак од Сињ, НК Солин.
Судејќи според социјалните мрежи, младиот пар живеел во Солин. Тие заедно со другите патници се враќале од Венеција со автобус кога се случила несреќата.
Во страшната несреќа загина најмалку 21 лице, а меѓу загинатите покрај Хрватката има и пет украински државјани, Германец, Французин и Италијанец.
„Во несреќата во Италија учествувале двајца хрватски државјани, од кои едниот за жал загинал, а другиот е тешко повреден, но во моментов е стабилен“, соопштија од министерството за надворешни работи на Хрватска.
Несреќата се случила во вторникот околу 19:45 часот во градот Местре, на девет километри од центарот на Венеција, кога автобусот со туристи удрил во оградата на надвозникот, а потоа се превртел и паднал на покривот од нешто повеќе од 10 метри.