Ставот за „Отворен Балкан“ е мој личен, а не на Владата, изјавил шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во однос на неговата вчерашна изјава дека ако се докаже дека Србија на било каков начин е вклучена во нападот во Северно Косово, Македонија треба да го преиспита учеството во иницијативата „Отворен Балкан“.
Тој во изјава за Канал 5 појаснил дека за вакво нешто не се разговарало меѓу членовите на Владата.
Османи вчера во интервју порача дека после случувањата на Косово на 24 септември, Србија треба да направи напори да докаже дека не се вмешани во тој настан, бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот.
Судејќи според претходните настапи на албанскиот премиер Еди Рама, проектот ги брои своите последни денови и покрај желбите на членките да се вклучат и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Тој од Скопје на почетокот на јули порача дека не носи вест за смртта на иницијативата, но таа треба да се тргне малку настрана, со цел нов фокус на Берлинскиот процес.
„Отворен Балкан“ е сочинет од Македонија, Албанија и Србија.