Со мирен протест пензионерите го блокираа влезот и излезот на Неготино, барајќи повисоки пензии. Тие бараат линеарно покачување на пензиите од по 5 илјади денари за сите, а минималната пензија да биде 18 илјади денари. Велат дека имаат потреба од подостоинствен живот.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска пред два дена праша зошто 5000 денари и зошто минимална пензија 20.000 денари и дали пензионерите кои протестираат имаат направено анализа.
„5000 денари линеарно покачување значат 330 милиони евра на годишно ниво само за покачувањето. Плус за редовната исплата на пензиите. Дали е реално кога се соочуваме со наследен дефицит на фондот за пензиско, кој што од година на година го намалуваме, да го оптовариме со 330 милиони евра и доведеме во прашање исплатата на сегашните и идни пензионери!” рече Тренчевска во гостување на емисија.
Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите. Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите се зголемија за шест проценти.