Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, денеска во Тирана на состанок во рамките на Берлински процес изјави дека „регионот на Западен Балкан не е онаму каде што сакаше да биде и каде што требаше да биде“.
Таа рече дека се уште има тензии кои би можеле да ги попречат инвестициите и економскиот раст и го повика Западен Балкан „да го заврши својот дел“.
На министерскиот состанок на ЕУ и Западен Балкан организиран од владата на Албанија денеска во Тирана како дел од Берлинскиот процес, Брегу истакна дека проширувањето треба да биде „кредибилно“ и за регионот и за ЕУ, затоа што „клучевите се во наши раце“.
На средбата на која присуствуваа министрите за надворешни работи од регионот и од Европската Унија, Брегу ги посочи намалените цени за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан од 1 октомври како пример за преземени обврски и исполнети ветувања.
Таа посочи дека се направени големи напори за проширување на групата професии опфатени со првиот важен договор за мобилност во однос на признавањето на професионалните квалификации во регионот. Првата група договори беше потпишана минатата година во Берлин, а сега треба да се признаат уште четири професии.
„Барем Советот за регионална соработка е подготвен да го одобри на 16 октомври на самитот на Берлинскиот процес во Тирана“, рече Брегу.