САД протера двајца руски дипломати

од Vladimir Zorba
187 прегледи

САД протераа двајца претставници на руската амбасада откако Русија претходно протера двајца американски дипломати од американската амбасада во Москва, соопшти денеска американскиот Стејт департмент.

„Како одговор на злонамерното протерување на двајца дипломати од страна на Руската Федерација од американската амбасада во Москва, Стејт департментот возврати со прогласување на двајца функционери од руската амбасада кои работат во САД за персона нон грата“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Руското Министерство за надворешни работи го потврди протерувањето на двајца руски дипломати од САД, пренесе РИА, повикувајќи се на неименуван извор од Министерството.

„Не сме заинтересирани за ескалација, но доколку продолжат ваквите непријателски дејствија, како и секогаш, ќе одговориме цврсто и решително“, рече изворот.

РИА наведува дека Вашингтон го искористил протерувањето од Москва на двајца американски дипломати на 14 септември „фатени на дело во шпионски активности“ како изговор.

На 14 септември Русија објави дека протерува двајца американски дипломати кои ги обвини дека соработувале со руски државјанин обвинет за соработка со странска држава, пренесе Танјуг.

Слични содржини