Спасувачите пронајдоа повеќе од 250 тела на млади луѓе на местото на музичкиот фестивал во јужен Израел, кој во саботата беше нападнат од членови на палестинската екстремистичка група Хамас.
Израелската армија соопшти дека најмалку 700 луѓе биле убиени во нападите овој викенд, а повеќе од 2.000 луѓе биле ранети, додека бројот на заложниците кои ги земале палестинските екстремисти сè уште не е познат.
Во одмазднички израелски воздушни напади загинаа најмалку 413 лица во Појасот Газа, а беа ранети повеќе од 2.300, соопштија палестинските власти.
САД ја објавија својата силна поддршка за Израел и ветија пратки со муниција и зголемено присуство во регионот, што претставниците на Хамас го опишаа како „агресија“.
Серијата ракетни и вооружени напади од страна на Хамас во саботата наутро ја претставуваат најголемата ескалација на конфликтот меѓу двете завојувани страни во последните децении.