Косовскиот премиер Албин Курти изјави за подгоричка „Побједа“ дека одговорноста на Србија за агресивниот напад на криминалните и терористичките групи од Србија, не само врз косовската полиција, туку и врз самата земја е неспорна. Тој изјави и дека Милан Радоичиќ е „Аркан на Вучиќ“. Да потсетиме, Радоичиќ призна дека го организирал неодамнешниот напад на Косово.
„Непобитно е утврдено дека оружјето и борбената обука на српските професионалци кои го нападнаа звечанското село Бањска доаѓа од Србија. Целото одземено оружје е произведено во Србија, пристигнало од Србија, а по вид и количина би било доволно за цела војска“, изјави Курти за „Побједа“.
Курти додаде дека вредноста на запленетото оружје е повеќе од пет милиони евра.
„Односот меѓу Вучиќ и Радоичиќ не е оригинален, веќе сме го виделе многу пати“
На прашањето дали очекува Радоичиќ навистина да биде екстрадиран на Косово, Курти одговори дека „сите терористи кои успеале да побегнат мора да бидат предадени на властите на Република Косово“.
„Организациите Цивилна одбрана и Северна бригада мора да бидат прогласени за терористички организации од нашите пријателски, партнерски и сојузнички земји“, рече Курти, додавајќи дека односот меѓу Вучиќ и Радоичиќ не е оригинален.
„Ние сме го виделе тоа многу пати досега. Малиот Путин во Белград мора да го има својот мал Пригожин на Копаоник. Или, ако се вратиме малку подалеку во минатото, се појавува паралела: новиот Слободан во Белград го има својот нов Аркан на Косово. Државите кои имаат комплекс на супериорност, кога ќе се намалат или ослабат, стануваат опасни. Во таа смисла Србија е како Русија“, рече премиерот на Косово.
На прашањето колку Русија е вклучена во тероризмот на северот на Косово, Курти одговара дека дестабилизацијата на регионот на Западен Балкан е главната алатка на Белград, кој е во рацете на Кремљ.